Tрудољубивоста, работата и љубовта кон татковината се ценат насекаде: Влатко Лозаноски тргнува на турнеја во Америка и Канада

По барање на иселениците во дијаспората, нашата најголема музичка ѕвезда – Влатко Лозаноски – Лозано на почетокот на март заминува на голема турнеја во Америка и Канада. Лозано ќе одржи неколку концерти во најголемите градови каде живеат Македонци, а интересот досега е незапаметен како никогаш досега.

Организаторот на турнејата, вели дека иселениците со нетрпение ги очекуваат закажаните концерти во Чикаго, Колумбус, Детроит, Њу Џерси и Торонто.

– Помина само еден ден откако официјално објавивме дека Влатко има турнеја во Америка и Канада и верувајте дека мојот мобилен телефон не престанува да ѕвони. По се изгледа нашинците ќе го видат Влатко и во неколку други градови во Америка – изјави тој.

Влатко на настапите ќе биде придружуван од неколкумина професионални музичари, а покрај неговите најголеми хитови како „Километри“, „Јако, јако“, „Мајко“, „Ова лето ќе се памети“, „Сонце не ме грее“, „Надеж“, „Не те вадам од памет“ и многу други, на концертите Лозано ќе ги запее и најпознатите македонски народни песни.

– Се радувам што за првпат ќе настапувам пред многубројната македонска публика во Америка и Канада. Наназад низ годините имав доста понуди од таму, но решивме дека сега е вистинско време за една голема турнеја. Со нетрпение очекувам да дојде март и да започнат концертите. Она што е интересно, откако објавивме на социјалните мрежи дека ќе одржам неколку концерти ми пристигнаа и доста пораки од Срби, Босанци, Хрвати и Бугари кои ми кажаа дека ќе бидат дел од публиката – вели Влатко Лозаноски.

Инаку Лозано како што кажавме, важи за најголемата музичка ѕведа во Македонија последниве неколку години. Доказ за тоа беше и преполната спортска арена „Борис Трајковски“ во март, минатата година, потоа следea и концертите низ останатите градови низ цела Македонија, а исто така беше и единствениот македонски артист кој одржа успешен концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Исто важно што треба да се спомене, е тоа што пред само неколку недели, Влатко во Белград на големиот музички настан во Јужна Европа – „МАК“, ја освои наградата за најдобра поп-фолк нумера за целиот регион за песната „Мајко“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.