Тројца прилепчани заработија казни поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Обвинителството од Прилеп соопшти дека во одделни кривично правни настани не ги почитувале мерките за спречување или сузбивање на коронавирусот Ковид-19 и не постапиле по изјавите за самоизолација.
-Обвинетите на 17 март оствариле влез во Република „Северна“ Македонија од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките биле должни во период од 14 дена да не го напуштаат престојувалиштето кое го пријавиле како место каде ќе ја спроведат задолжителната самоизолација. При вршење на контрола од страна на полициските службеници на 19 март, обвинетите не биле затекнати во нивните престојувалишта, велат од Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Прилеп му предложи на Основниот суд во Прилеп на обвинетите да им изрече парична казна во износ од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во износ од по 30 евра во денарска противвредност.