Во организација на Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ и Извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп, синоќа започна првата спортско-забавна манифестација „Плетвар Аутдор Фестивал“.
На падините на планината Бабуна, за прв пат се одржува тридневен едукативно-забавен настан, кој ветува многу позитивна енергија, дружење и забава во природа. На различни возрасни категории, настанот им нуди возбудлива авантура, запознавање со околината на Прилеп, дружба меѓу љубителите на планината, подобрување на стекнатите вештини во природа, размена на искуства и нови знаења.
„Од многу аспекти, ‘Плетвар Аутдор Фестивал’ ќе биде своевидна атракција, итоа почнувајќи од создавање здрави навики кај младите, здрав начин на живот и промоција на различни спортови: планинарење, велосипедизам, планинско трчање, стрелаштво, стреличарство. Причина повеќе заради која настанот заслужува поширока поддршка, е промоција на спасителната служба ‘Златоврв’, на која и’ е потребна и финансиска и логистичка помош, за да може целосно да се оформи и да се стави во функција на регионално ниво“, изјави на отворањето на настанот, градоначалникот Илија Јованоски.
Претседателот и координатор на „Плетвар Аутдор Фестивал“, Дарко Неданоски, изрази надеж дека Фестивалот ќе стане традиционален и дека секоја година ќе добива на се’ поголема масовност и нови содржини.
Како што најави организаторот, Фестивалот нуди многу различни активности, како што се стрелаштво, стреличарство, качување по карпи и во пештера, качување на врвот Козјак, посета на Дуова пештера, слеклајн.
„Плетвар Аутдор Фестивал“ има планирано игри и трки за најмладите: една планинска трка, две велосипедски, игри на скриено богатство каде што родителите со своите деца ќе ги бараат контролните точки коишто ќе бидат распространети низ с.Плетвар.
Фестивалот освен спортски содржини нуди и многу забава, па така вечерва на фестивалската сцена свој настап ќе има диџеј дуото Cyrillic.