Вчера попладне на Градскиот стадион со вештачка трева во Велес, фудбалерите на Победа ја забележаа 5-тата гостинска победа во првнството на Втората лига, совладувајќи го домаќинот Еуромилк со 1-2(0-1). До 19-ттиот гостински бод избраниците на тренерот Крстески стигнаа со организирана и беспоштедна борба против мотивираниот и сезонава незгоден противник, Еуромилк. Прилепчани офанзивно и агресивно го започнаа натпреварот. Веќе во 3-тата минута во шанса беше Гешоски, но неговиот удар со глава заврши малку крај голот на Мустафа. Потоа следеше една спорна ситуација во која Гешоски беше во налет, но беше фаулиран од Ристов (како последен играч од домашната одбрана), кој го спречи да избие сам пред голот на Мустафа, но наместо црвен тој доби само жолт картон. Во 12-тата минута во шанса беше Шаркоски, но неговиот удар со глава заврши покрај стативата, за минута подоцна истиот играч упати удар од 40-метри кој неспретниот Мустафа, со крајни сили успеa да го одбрани. Во 25-тата минута нова голема шанса за Победа, Шаркоски бие сам од аголот од петерецот, право во Мустафа. Во 29-тата минута шанса и за Карчески, по повратната на Шаркоски, но и 11-ката на Победа е непрецизен, неговиот шут заврши високо над пречката. И конечно во 44-тата минута при една мешаница пред голот на Мустафа, најприсебен беше Гешоски, кој со прецизен удар го најде патот на топката до десниот агол на домашниот гол, за огромна радост и меѓу приврзаниците на Победа и на гостинската клупа.
На одмор се отиде со водство на Победа, но несфатливо на почетокот на вториот дел победашите заиграа опуштено и се повлекоа, при што домаќинот брзо казни, со вистински евро-гол на Аломеровиќ од преку 20 метри, успеа да израмни на 1-1, казнувајќи ги сите претходни промашувања на победашите, кои можеја да имаат неколку голови предност. За среќа по израмнувачкиот гол, прилепчани тргнаа и одново ја заиграа својата препознатлива игра. Но повторно неефикасноста и неснаодливоста пред противничкиот гол се покажа како рак-рана. Најпрвин Гешоски во 60-ттата минута премногу чекаше и беше себичен, беше изблокиран наместо да проигра со Дунимаглоски, а минута подоцна и Шаркоски непотребно тргна сам наместо да го проигра осамениот во средината пред голот на гостите, нововлезениот Здравески. Сепак среќата им се насмевна на прилепчани во 75-тата минута, кога Дунимаглоски изведе остар центаршут пред голот на Еуромилк, а Мустафа беше невнимателен и дозволи топката да заврши зад неговиот грб, во мрежата на Еуромилк, за огромна радост, која се покажа 3 бода вредна.
До крајот со мирна рутинирана игра прилепчани го сочуваа водството, а во судиското надополнување и пропуштија шанса да ја зголемат предноста, откако Здравески биеше скоро од мртов агол, а Мустафа одбрани, иако проигрување во поповолна ситуација очекуваше Гешоски. Победа со денешниот триумф врза 3 последователни победи, кои ја искачија на делба на првото место, а се покажа уште еднаш дека далеку подобро и порастоварено игра на гостувањата, каде се освоени 19 од 32 бода. Следното 22-ро коло го носи пелагониското дерби и гостувањето на Пелистер, кој утре во ова 21-во коло гостува на Тетекс. Одиме на 3 бода и против пелистерци, кои ни се големи должници, за по освојувањето на Пелагонија да го запоседнеме врвот на второлигашката табела!
Претседателот Гоце Ингилизов и спортскиот директор Јовица Обрадовиќ од ложата го проследија натпреварот Еуромилк-Победа.