Tрајановски: “На критичната точка од експресниот пат Прилеп-Градско, ќе биде поставена нова сигнализација”

Директорот на Државни патишта, Коце Трајановски, информира дека веќе се детектираат црните точки по патиштата и дека се во постојана координација со Министерството за внатрешни работи за нивно подобро означување. Тој апелираше до граѓаните да обрнат посебно внимание на сообраќајната сигнализација за поголема безбедност на патиштата.

Во однос на експресниот пат Градско-Прилеп, каде што за неколку месеци од пуштањето во употреба има пет жртви. Трајановски најави дека ќе биде поставена нова, подобрена сообраќајна сигнализација.

„Тоа е еден од новите патишта што ги пуштивме во текот на изминатата година, направено според важечките законски прописи. Меѓутоа, поради повеќе жртви на овој пат, веќе е изготвен проект, доставен до Министерството за транспорт. Очекуваме во краток рок да биде одобрен, по што ќе започнеме со поставување на новата сигнализација, која ќе придонесе за намалување на сообраќајните несреќи и жртви“, изјави Трајановски во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.

Прашан за напредокот во изградбата на автопатиштата, директорот рече дека во моментов се активни три делници од договорот со „Бехтел и Енка“. Тоа се делниците Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани.

Трајановски потсети дека е пуштен во употреба еден дел од автопатот Кичево-Охрид. Кој го гради кинеската компанија Синохидро. Најави дека многу скоро ќе биде пуштен и вториот дел од автопатот до Охрид.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.