Русија денеска го отповикала амбасадорот Анатолиј Антонов во Вашингтон, по изјавата на американскиот претседател Џо Бајден за Владимир Путин.
Исто така, заменик претседавачот на Комисијата за надворешни прашања во Советот на Руската Федерација, Владимир Џабаров, рекол дека коментарите на Џо Бајден за Путин се неприфатливи и дека такви изјави не му прилегаат на еден политичар, посебно не на таква функција.
Тој за “ТАСС” ја прокоментирал изјавата на Бајден кој потврдно одговорил на новинарското прашање дали го смета Путин за “убиец”, и му порачал дека ќе плати за мешањето на изборите во САД.
“Што се однесува до изјавите на Бајден за нашиот претседател, мислам дека не вреди да се спомнат, но ниеден политичар на тоа ниво не може да си дозволи да каже такви работи”, рекол Џабаров.
Коментирајќи ја изјавата на Бајден дека Русија и САД можат да соработуваат на прашањата од заеднички интерес, Џабаров истакнал дека Американците досега не направиле ниеден чекор кон соработка, иако е Москва подготвена на тоа.
“Се надевам дека тоа ќе го сфатат порано, и дека Бајден во иднина внимателно ќе ги бира зборовите”, нагласил Џабаров.