Poдителите излегyвaaт на yлиците, Цapoвcка и понатамy се инaeти – ќе ce cтигне ли до компpoмиc за дигиталните yчебници?

Откако минатиот четврток претставници на родителите се сретнаа со вработени во Министерството за образование и наука, а министерката Царовска воопшто не се појави на средбата, на незадоволните родители им беше ветено дека ќе бидат известени за нова средба на која ќе се обидат да стигнат до решение. Но, иако тие дадоа рок до вчера попладне, таква порака од МОН не добија и затоа се решија да преземат дополнителни чекори.

На 6 мај претставници на оваа иницијатива имаа средба со претставници на МОН на која присуствуваше и министерката Мила Царовска и на која се разговараше за Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. Договорено било дека денеска МОН ќе го изготви записникот од таа средба и ќе одговори на барањата, рекоа вчера од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.

– Но тоа не беше сторено. Затоа, остануваме доследни на нашите ветувања пред граѓаните дека продолжуваме со битката и ќе се бориме до крај против донесувањето на законот, користејќи ги сите начини и средства загарантирани со законите во Македонија. Како што и најавивме ќе организираме мирни протести во градовите низ Македонија и мирен марш во Скопје. Протестите низ градовите и маршот во Скопје ќе бидат организирани согласно протоколите за активности на отворен простор во услови на пандемија, најавуваат од граѓанската иницијатива.

Вчера попладне, МОН сепак се огласи и соопшти дека планот за реформи е донесен на транспарентен начин, преку јавна дебата и со учество на сите засегнати страни и експертската фела. Според нивното соопштение, тие НЕ ги прифатија барањата на иницијативата за повлекување на предлог законот за учебници и негово ревидирање преку јавна дебата.

Царовска и понатаму ги брани овие образовни реформи, на кои јавно се спротивставија огромен број на граѓани, а учениците од основното и средното образование ја бојкотираа наставата.

– Нема лошо време за квалитетна реформа. Промените во системот на образование не се избрзани, туку се темелат на Стратегијата за образование 2018-2025 донесена кога министерка беше Рената Десковска и на Законот за основно образование, донесен кога министер беше Арбер Адеми, што покажува континуитет во работата на Владата за создавање квалитетно образование. Со години се правени анализи на образованието, домашни и меѓународни истражувања, каков систем на образование ни е потребен, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во дебатната емисија на ТВ Клан.

Царовска рече дека сега е време да се направи исчекор, затоа што секоја изгубена минута со неквалитетно образование нé чини прескапо во по-глед на подготвувањето на човечкиот потенцијал за времето коешто доаѓа. Треба да почнеме денес, за да очекуваме поголем економски раст и развој по 15 години, со под-готвен човечки потенцијал.

-Новиот концепт за основно образование има една главна цел – да обезбеди нов систем на учење и нов квалитет на основно образование, согласно светски стандарди. Ниту е цел укинување на наставни содржини, ниту укинување на учебници, ниту намалување на фонд на часови. Сите научни дисциплини се учат и со новата концепција, нагласи Царовска, додавајќи дека опозицијата нема идеја какво образование и треба на нашата држава и на ниво на дневна политика коментира суштински значајни реформи. Од опозицијата не стигна ниту еден конструктивен предлог за подобрување на концептот, или на некој закон.

Реформата ќе се одвива етапно, а од септември влегува само во прво и четврто одделение. Државата нема време уште 10 години да дискутира дали во прво одделение да се воведе новиот концепт на образование.

-Државата во еден момент треба да одлучи да почне со реформата. Ако само анализираме, се губи можноста да пристапиме кон развиените земји со квалитетни образовни системи, нагласи министерката.

За оваа реформа, досега не се потрошени дополнителни средства. Царовска појасни дека реформата е целосно платена од меѓународните партнери на државата и Светска банка, затоа што веруваат дека е во најдобар интерес на учениците.

Останува да се види понатамошниот исход на настаните и кои ќе бидат потезите на двете страни, дали оваа „битка“ ќе ја добијат над 70.000 незадоволни родители членови на групата „Учебници и настава мора да има“ или пак министерката Царовска која очигледно нема никаков слух за проблемите со кои се соочуваат родителите и учениците.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.