Oпштина Прилеп да ги финансира трошоците за возачка дозвола – Ова би биле условите кои младите ќе треба да ги исполнат

Младите луѓе се движечката сила на секое општество, а наша должност е да инвестираме во нивната иднина и да им покажеме дека се грижиме. Знаеме дека еден од првите чекори кон самостојност, поголеми можности за вработување и целосна интеграција во општеството е стекнувањето возачка дозвола. Сепак, свесни сме дека трошоците за обука, кои често надминуваат 400 евра, се голем товар за семејните буџети – стои во описот на еден од проектите на кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, Жарко Бошкоски, кој на престојните локални избори е поддржан од “Коалицијата за успех”, составена од политичките партии: ЛДП, ГРОМ, ИНТЕГРА и ПЦЕР.

Бошкоски во својата програма предвидува целосно покривање на трошоците за обука за возачка дозвола (Б-категорија) за секој млад човек од општината кој ќе наполни 18 години и е редовен ученик во завршна година од средното образование.

-Аплицирањето ќе биде едноставно, преку електронска пријава со потврда од училиштето. Оваа мерка ќе се спроведува преку јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите лиценцирани авто-школи од градот, обезбедувајќи транспарентност и квалитет на обуката. Ова не е трошок, туку паметна инвестиција во нашиот најголем капитал – младите. Со оваа поддршка, им овозможуваме на младите подобри стартни позиции, поголема мобилност и полесен пристап до пазарот на трудот. Испраќаме јасна порака дека веруваме во нив и сакаме да им помогнеме да ги остварат своите соништа токму тука, во Прилеп – вели Бошкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.