Вицепремиерот Александар Николоски денеска беше кај клучката Подмоље на автопатот Охрид-Кичево, која, како што истакна, претставува значаен инфраструктурен објект што ги поврзува Охрид и Струга, но и Македонија со Албанија.
„Еве денеска решаваме уште една горлива работа, уште еден горлив проблем на изградбата на автопатот Охрид-Кичево, а тоа е пуштањето во употреба на оваа клучка“, изјави Николоски.
Тој додаде дека претходната власт ја срушила клучката без да бидат решени имотноправните односи и експропријацијата. Затоа со години клучката останала нефункционална. Забрзано се гради автопатот Охрид-Кичево, работната механизација е на терен и наскоро се очекува уште една делница да биде пуштена.
Тој нагласи дека со промена на владата биле надминати сите административни и правни пречки.
„Ги решивме имотно-правните односи, ги решивме сите административни проблеми кои што ни стоеја на патот. И веќе од денеска е функционална, што значи многу побрз проток на луѓе и патници од Струга и од соседна Албанија кон Скопје, но исто така и многу побезбеден сообраќај“, истакна Николоски.
Во однос на динамиката на изградба на автопатот, вицепремиерот потенцира дека работите се одвиваат со засилено темпо и секојдневна координација со надлежните.
„Напредокот е добар, задоволни сме, имајќи ги предвид годините на застој, и за брзо време ќе имаме уште добри вести“, рече тој.
Во продолжение може да погледнете повеќе фотографии од настанот: