Oд вечерва во Битола започнува манифестацијата “Илинденски денови”: Гости од Чиле, Мексико, Ирска, Италија…

Со традиционално дефиле по Широк сокак и со изведба на орото „Комитско“ вечер во Битола почнува фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Фестивалот „Илинденски денови“ е член на светската асоцијација на фоклорни фестивали ЦИОФФ со чија поддршка годинава во Битола ќе гостуваат и настапат ансамбли од Чиле, Мексико, Ирска, Хрватска, Грузија, Италија, Бугарија и од Србија.

Првата фестивалска вечер ќе ја отворат членовите на ансамблот „Македонија“ од Скопје и освен гостите од странство, пред битолската публика со свои кореографии ќе се претстават фолклорните ансамбли „Бисер“ од Кичево, „Цветови“ од Дедино и „Русалии“ од Секирник.

Организаторот и домаќин на фестивалот, НУ Центар за култура-Битола деновиве реализира богата придружна програма во чии рамки претпладнево ќе се одржат коњички марш „Патот на Илинденците“, промоција на Зборник на трудови за семинарот на традиционална музика и игра, проекција на македонскиот етнографски филм „Лазаренки“ и изложба на тема „Традиционалната култура на градот Штип“.

Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија и со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.