Известување за користење на услугата бањско – климатска рекреација на корисниците на пензија за 2020 година
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, врз основа на Заклучокот од Третата седница на Владата на Република Македонија бр.44-178/1 од 14.01.2020 година, ги повикува заинтересираните лица – корисници на пензија, да се јават за користење на услугата бањско – климатска рекреација.
Oваа услуга може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, остварена според прописите на Република Македонија и одредбите од договорите за социјално осигурување кои што Република Македонија ги применува, а кои живеат на територијата на Република Македонија.
Услугата може да се користи еднаш, во периодот од март до ноември 2020 година, во траење од 7 дена.
Услугата бањско – климатска рекреација опфаќа:
-6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), – Бањска терапија, – Еден задолжителен здравствен преглед и – Трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во која ќе се користи услугата бањско – климатска рекреација (трошоците за превоз ќе бидат дозначени на трансакциската сметка на корисникот на пензија по користење на услугата).
Лицата – корисници на пензија, кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило, имаат право на придружник за време на бањско – климатската рекреација.
Услугата бањско – климатска рекреација, се остварува во правни лица, регистрирани за вршење на услуга за бањско – климатско лекување, со кои Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија ќе склучи договор.
Услови за користење на услугата и бодирање:
Услугата може да ја користат корисници на пензија, чиј износ на пензијата за ноември 2019 година изнесувал до 20.000 денари.
Бодирањето ќе се врши зависно од висината на пензијата, од 1 до 100 бода, при што, понискиот износ на пензија ќе носи повеќе бодови.
Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија која се исплатува од друга држава, при бодирањето ќе се земе во предвид и износот на пензијата која се исплатува и од другата држава.
Потребни документи кои корисникот на пензија треба да ги достави за користење на услугата:
За користење на бањско – климатската рекреација, потребно е да се поднесе Барање до филијалите и деловниците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањето го издава Филијалата/Деловницата на Фондот на ПИОСМ.
Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија која се исплатува од друга држава, задолжително треба да се достави и Извод од девизна сметка од банката.
Корисниците на пензија, кои во 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019 година ја користеле услугата бањско – климатска рекреација, или бесплатен туристички викенд, не може да ја користат услугата бањско -климатска рекреација во 2020 година.
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, задолжително писмено ќе го извести подносителот на барањето за установата во која ќе биде упатен и периодот на користењето на услугата.
Списоците на корисниците на пензија на кои им е одобрено користење на услугата бањско – климатска рекреација, ќе бидат објавени во филијалите и деловниците на Фондот на ПИОСМ, како и на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика: www.mtsp.gov.mk и на веб- страницата на Фондот на ПИОСМ: www.piom.com.mk.