фотографија – Шлакески Маринко „ДРЖАВНА БОЛНИЦА“ (2010) – Маринко Шлакески (драмски текст – извадок)
ДОКТОРОТ: (со манир на голем оратор, зборува во огледало; свечено) Јас сум… Наполеон! Јас сум Цезар и Сципион Африканецот заедно! Јас го имам Светиот Грал и во мене тече крвта на јунаците од Спарта! За мене! За мене плачеше Клеопатра… и Елена од Троја. Јас сум… (стои уште извесно време, го гаси грамофонот, внимателно ја остава грамофонската плоча во нејзината футрола и полека се приближува кон аквариумот; го милува по рабовите, го потпира лицето на стаклените ѕидови, става храна во аквариумот) Изабела… Изабела… Моја Изабела… Мое утро, мој ден, моја ноќ… Добро утро, Изабела… Спиеше добро, нели? Да, и јас, благодарам.. (ја набљудува рибата уште некое време; станува, ја отвора вратата, гласно) Сестро!
(влегува сестрата, крупна, несмасна млада жена; незаинтересирана, неуредна, смачено од секојдневна работна рутина; во едната рака носи стара парталава тетратка, во другата носи филџан)
СЕСТРАТА: Добро утро… докторе.
ДОКТОРОТ: Добро утро… молам? (го зема филџанот)
СЕСТРАТА: (во војнички став мирно, потенцира) Добро утро, господине… докторе!
ДОКТОРОТ: Моја драга мадам… Хелга… (отпива од филџанот)
СЕСТРАТА: Хилда… докторе.
ДОКТОРОТ: Ах… мадам… зарем пак?
СЕСТРАТА: Веќе четиринаесет години господине…
ДОКТОРОТ: Четиринаесет лета цели… Верна моја мадам… Вилма…
СЕСТРАТА: Но… (се откажува)
ДОКТОРОТ: Денес сме кај оние кутри души од соба број пет, нели?
СЕСТРАТА: Соба број четири, господине.
ДОКТОРОТ: Како да не, како да не… Се разбира… Соба број четири. Вечност една како не сум ги видел. Прекрасни суштества… тие нивни прости души… Кажете сестро, уште ли мочаат… (се закашлува) пардон, уринираат во нивната соба?
СЕСТРАТА: Тие се од соба број седум, господине. Сега мочаат во ходникот!
ДОКТОРОТ: Соба број седум… да… прекрасно.
СЕСТРАТА: Да докторе… прекрасно. Многу прекрасно..
„ДРЖАВНА БОЛНИЦА“ (2010) – Маринко Шлакески
(драмски текст – извадок)