Триеседневен притвор за две лица од Прилеп, на возраст од 31 и 28 години, поради напад на четири полициски службеници пред ноќен клуб на улицата „Рампо Левката“.
– Осомничените прилепчани, на возраст од 31 и 28 години, на 3 април во раните утрински часови, пред ноќен клуб на улицата „Рампо Левката“ во Прилеп, физички нападнале четири полициски службеници кои вршеле работи на јавната безбедност што се однесуваат чување на јавниот ред и мир – информираат од ЈО.
Откако обезбедувањето на ноќниот клуб ги отстранило осомничените и уште две лица, бидејќи направиле инцидент расправајќи се меѓу себе, тие продолжиле со расправијата непосредно пред објектот. Потоа започнале и физички да се пресметуваат, па полициските службеници дошле пред објектот за да интервенираат.
Кога пристигнала полициската екипа и се легитимирала, двете други лица чиј идентитет не е утврден се дале во бегство, додека осомничените, кои биле во алкохолизирана состојба, почнале да даваат активен отпор и физички ги нападнале полициските службеници, удирајќи ги со раце и нозе, известуваат од ЈО.
„Од здобиените удари еден полициски службеник паднал на земја, а обвинетите продолжиле со нозе да го удираат по телото и главата, со што му нанеле тешки телесни повреди. Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходната постапка од Основниот суд во Прилеп поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи оцени дека постои опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците. Судијата го прифати предлогот и со решение на осомничените им определи притвор во траење до 30 дена“, соопштуваат од ЈО.