На 20.05.2024 во 23.30 часот во с.Кривогаштани, полициски службеници од Полициското одделение Кривогаштани ги лишиле од слобода М.Ј.(33) од с.Крушеани, З.К.(35) од с.Кривогаштани, М.М.(55) од Прилеп и С.Л.(56) од Прилеп.
Тие се сомничат дека претходно во угостителски објект во с.Кривогаштани, сопственост на Б.Ѓ.(27) од с.Годивље, оштетиле дел од инвентарот, а подоцна запреле патничко возило „бмв” со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал Б.Ѓ, со употреба на сила му го одзеле, го однеле на ул.„Илинденска“ и го запалиле.
Пожарот бил локализиран од екипа на Територијалната противпожарна единица Кривогаштани, а повредени лица нема.
Во врска со настанот, на 21.05.2024 во 03.50 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на 20.05.2024 околу 23.30 часот М.М. и З.К. агресивно се однесувале кон командир на Полициското одделение Кривогаштани и му упатувале закани, додека тој извршувал службени дејства.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави – стои во соопштението од МВР.