Oтсекогаш сум бил ВМРО, затоа го напуштам СДСМ, вели Љубе Бошкоски за влегувањето во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, вели дека неговата одлука за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, која сѐ уште не е конечна, е од чисто идеолошка причина.

Во изјава за Фокус тој вели дека неговата идеологија е ВМРО.

– По ослободителната пресуда во 2016-2017 за „Ровер”, кога излегов од суд кажав дека доколку новото раководство се огради од Никола Груевски јас ќе размислам да се вратам како коалициски партнер. Немам никакви услови и барања, пратенички места, советнички, вработувања… Сето тоа е од идеолошки причини. Немав барања ниту од СДСМ, важно беше да се сруши режим. Ниту пак некогаш ќе зборувам против нив, како што тоа сега го прават други, а сѐ уште се на раководни места. Јас советничкото место за странски инвестиции го напуштив пред половина година со резултати зад мене, а примањата ги донирав на помалку имотните од мојата партија. Борбата беше да се сруши режимот и да се вратиме таму каде што идеолошки припаѓаме, сакам да бидам во десницата – појаснува Бошкоски.

Бошкоски вели дека апсолутно е сигурен дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се оградил од експремиерот Никола Груевски.

– Ветено ми е од Мицкоски дека нема никаква врска или соработка со Груевски – потенцира Бошкоски за Фокус.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.