Oткако Русија забpaни увоз на македонски јаболка, премиерот им делеше на учениците

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и со градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, им делеше јаболка на учениците од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ пет дена откога Русија го забрани увозот од Македонија.

„Успешно се реализира проектот ‘Здрава ужинка за секој ученик’, откупивме 743.000 килограми наши домашни јаболка и ги дистрибуираме до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици. Ќе ја развиваме програмата и во иднина, децата од мали да градат здрави навики и да јадат наши домашни производи од вредните раце на македонските земјоделци“, изјави Ковачевски.

Случајно или не, од 1 декември Русија го забрани увозот на јаболка од Македонија поради пронајдена кафеава мермерна бубачка во нив, „опасен штетник кој им се заканува на различни видови земјоделски производи, што може да доведе до намалување на приносите до 80 отсто од вредните култури, вклучително и житарките и овошјето“, како што соопшти Руската агенција за ветеринарен и фитосанитарен надзор Росселхознадзор. Нејзината забрана се однесува и на македонските јаболка што на рускиот пазар ги дистрибуираат извозници од други земји.

Половина од извозниот прилив од јануари до септември годинава бил остварен на рускиот пазар во вредност од 4,3 милиони евра.

Според податоците на „Ворлдтопекспортс“, пак, Македонија во 2020 година заработила дури 20 милиони долари од извозот на јаболка во Русија од вкупно 29,5 милиони, со кои била 26. најголем извозник во светот!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.