Oпштина Битола за најавената владина финансиска помош ќе аплицира со дури 60-тина проекти

Најавената владина финансиска помош од државниот буџет, а наменета за општините, ќе биде од огромно значење за нивниот локален економски развој. Ова, особено што поголемиот дел од нив, во годините наназад кубуреа со средства, бидејќи наследија сериозни „дупки“ во општинските буџети, а тоа придонесе за нереализација или доцнење во реализацијата на предизборно ветените проекти – објави “АЛФА ТВ”.

„Ние сме дел од пакетот на доплолнителни средства, вкупно над 44 милиони евра за четири години што никогаш досега не се случило во поновата историја, пакет на финансиска помош кој покрај основниот буџет кој го има општина Битола, ќе значи многу, за многу нови инфраструктурни проекти. Само да кажам декаво моментов се работи на 16-тина различни локации во градов, дел од инфраструктура, дел објекти кои се реконструираат, и Битола навистина е едно градилиште“, – истакна Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

Во таа насока, општина Битола веќе има шеесетина проекти, а триесетина од нив се и целосно комплетирани, уверува градоначалникот Коњановски. Дел од нив биле готови уште пред Владата и реално да го упати овој повик до општините за да аплицираат.

„Јас најавив шеесетина проекти, меѓутоа ние триесетина имаме во делот само на инфраструктура со кои ќе аплицираме, готови, или со решение за градба, или пред добивање на решение за градба. Меѓу поголемите секако е и Спортскиот комплекс…Тука се и многу улици и инфраструктура кои се и дел од нашата програма, меѓутоа се и дел од форумските сесии, буџетските форуми кои ги имавме и од барањата на граѓаните кои ги собравме, така што и во иднина граѓаните ќе се соочат со еден градежен „бум“– објаснува Коњановски.

Инаку, новата Влада, во наредните четири години, како помош за општините, преку Министерството за ЛС, планира да одвои една милијарда евра, или по 250 милиони евра годишно. Распределбата на овие пари ќе биде според принципот: проекти – аплицирање – па пари, кои пак, ќе се префрлаат на посебна наменска сметка и ќе мора да се искористат за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните, но никако не за одржување на ликвидноста на општините. Висината на средствата кои ќе бидат ставени на располагање на секоја општина, ќе се утврдува во зависност од бројот на жители. Според најавите, првиот повик до општините за оваа година се очекува биде упатен веќе месецов и ќе биде во вредност од минимум 100 милиони евра.

KAРОЛИНА ДУРЛО




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.