Oд 72-ра на 69-та позиција! По успешниот октомври, македонската фудбалска репрезентација скокна на ранг листата

Македонската фудбалска репрезентација зад себе остави еден успешен октомвриски собир, месец во кој избраниците на Благоја Милевски успеаја да забележат две победи.

Триумфите над Летонија и Ерменија речиси ни обезбедија математички прво место во Лигата на нации, па покрај промоцијата во Лигата Б, Македонија со овие две победи си обезбеди и скок на ФИФА листата.

Уверливите изданија на гостувањата ни донесоа нови бодови на најновата ранг листа, а тоа ни носи напредок од три места.

Македонија скокна од 72-та на 69-та позиција во светскиот поредок, со надеж дека овој прогрес ќе продолжи и во месец ноември кога играме два натпревари на кои важиме за апсолутни фаворити (Летонија и Фарски Острови).

Кога е во прашање врвот, во топ 5 нема никакви промени и Аргентина е прва пред Франција, Шпанија, Англија и Бразил, додека две промени се случија во топ 10. Белгија останува шеста, Португалија напредуваше една позиција и се најде пред Холандија која сега е осма, додека мал скок направи и Италија која сега е деветта пред десетопласираната Колумбија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.