Старата слика потсетува за амкањето на празникот Поклади, кој се слави во февруари или март или седум недели пред Велигден.
Покрај простувањето за Прочка и посетата на младите кај повозрасните роднини за прошка, стариот адет сé помалку се пренесува од генерација на генерација и исчезнува низ татнежот на времето.
Амкањето варено, а нелупено јајце, врзано на конец и стап е обичај што се негувал со години, а децата се обидувале без помош на рацете да го фатат јајцето со усните кое се нишало од најстариот член во фамилијата.
Амкањето било следено со весели зацрвени лица на децата, кои вложувале напори, некогаш и илаџиски марифети, само да успеат да го стават јајцето во устата.
Зашто се верува дека оној кој ќе успее да го фати јајцето, ќе биде следен со многу среќа во пролетта што следи и целата година.
Старите прилепчани раскажуваат дека амкањето се правело на вечер, кога тесното семејство ќе се соберело по целодневните прошетки во сурати и маски по роднините и комшиите и по испраќањето на блиските од визитите за простување.