Oтворена изложбата на скулптури на прилепскиот уметник Марјан Стојаноски (ФОТО)

Во ликовната галерија на домот за култура “Марко Цепенков”, во очи празникот 11-ти Октомври, беше отворена изложбата на скулптури од прилепскиот уметник Марјан Стојаноски.

За првата самостојна изложба на Стојаноски во родниот град, иако досега изложувал во други градови во земјата и во странство, и е автор на повеќе дела, зборуваа Јана Јанеска Ристески и Викторија Димеска историчари на уметноста.
Според Јана Јанеска Ристески, Марјан Стојаноски е скулптор кој успева на металот да му најде судбина во уметноста, да го определи карактерот, да го идентификува вкусот и да ја постави стабилноста на критериумот.

-Разиграноста во просторот е видлива, а отсјајот на металот ја креира алката на убавото и уметничкото. Неговите креации ги следат светските уметнички движења и се на некој начин его на 21 век – рече Јана Јанеска Ристески.

Според Викторија Димеска, преку дисциплинарната техничка постапка, Стојаноски создава идејни решенија и концепти за монументална скулптура во урбан простор.

– Податливоста на металот како материјал за изработка на скулптурата, како и техниката на заварување, му овозможува на скулпторот да создава различни,по форма, структура и големина делови и конструктивни елементи… Апстрактно – асицијативните и метафорични метални скулптури остваруваат интеракција со природата и урбаниот простор, симболизирајќи го креативниот моќен потенцијал на енергијата и материјата – посочи Викторија Димеска на отворањето на изложбата.

Текст за изложбата од Викторија Димеска, историчар на уметноста

Академскиот скулптор Марјан Стојаноски создава апстрактно геометриска скулптура изработена од метал, како најсоодветен материјал за обликување на неговите концепти. Податливоста на металот како материјал за изработка на скулптурата, како и техниката на заварување, му овозможува на скулпторот да создава различни, по форма, структура и големина, делови и конструктивни елементи. Преку дисциплинирана техничка постапка, Стојаноски создава идејни решенија и концепти за монументална скулптура во урбан простор. На подножјето или дното, скулпторот поставува лимена кутија, која што претставува основа на металната конструкција. На средишната точка на предната хоризонтална основа на металната кутија, поставен е вертикален метален лост, во улога на главен конструктивен носач на тежината на скулптурата. Во средишниот дел, на исправениот метален лост, поставена е кружна геометриска сфера. Околу јадрото, односно кружната сфера, инкорпорирани се дополнителни составни елементи на скулптурата: метални патинирани плочи со засеци на рабовите или пак кружни вдлабнати плочи и целини. Одредени елементи на металните конструкции се статични, додека пак други се движат во динамични кругови и кружат околу јадрото по своите замислени орбити.

Кружната сфера, како централен мотив околу кој што се организирани преостанатите конструктивни делови и елементи, постанува архаичен симбол со евокативна моќност- сонцето. Сферата, односно кругот, претствува универзален симбол на поимот за вечноста, безвременоста, сакралноста или светоста, целината, себството, трансцедентацијата, цикличното движење, постојаниот тек во природата, совршенството, повторливоста, боженственоста, духовноста, машкиот принцип и женскиот принцип (мајчинство), креативниот потенцијал. Дополнителните конструктивни елементи на скулптурата, патинираните метални плочи и целини, потсетуваат на сноп светлосни зраци емитирани од централното јадро на металната структурата. Сферата постанува генератор, извор на електрицитет, напојувајќи го просторот со бесконечна енергија.

Апстрактно – асоцијативните и метафорични метални скулптури остваруваат интеракција со природата и урбаниот простор, симболизирајќи го креативниот моќен потенцијал на енергијата и материјата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.