Едно дрвено мовче на Дабнича река пред денешниот меморијален музеј 11 Октомври, младите прилепчани го нарекувале мостот на воздишките. Небаре Венеција, но во друга конотација, според генерациите, тоа бил премин за ишарет, за намигнување, за давање знак за израз на љубов.
Тоа бил период на сефтосување на Новото корзо на Булеварот, кое се отселило од таканареченото Старо корзо на улицата “Иво Лола – Рибар”, кај училиштето “Рампо Левката”.
Преку него водел и патот до автобуската станица, до летната бавча кај бизнис центарот. Од другата страна, до популарната зграда на Поштата, денешната Комерцијална банка, и до киното.
Го нема мовчето. На местото е каналот на Дабничка Река. Ама, не исчезнуваат сеќавањата повозрасните. Навираат спомени за младоста, за првата љубов, за тргањата на девојките за прамените и прцлињата, за коњските опашки, но и за растурањето на пунџите на помодерните.
Па и за киното, каде се минувале највозбудливите моменти со јунаците како Тарзан, па Џон Вејн во вестерн филмовите и со актерите на Козара, Дрвар…
Извор: “НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ”