На подрачјето на СВР Битола од страна на полициски службеници од СВР Битола – Полициската станица за општа надлежност во централното градско подрачје во Битола беше остварена средба со повозрасна група на граѓани, со цел превенирање на измами од страна на лица кои најчесто користат повозрасни граѓани.
Имено, на граѓаните им беше укажано да бидат особено внимателни во комуникација со непознати, кои најчесто користат измислени приказни, со цел изнудување на парични средства од нив. Сторителите, најчесто телефонски, ветувајќи им огревни дрва, откуп на железо, известувајќи ги за лажни сообраќајни несреќи, нудејќи купопродажба на возила или станови, барајќи организирање на настани и сл., ги доведуваат во заблуда оштетените со цел да остварат парична или друга корист.
СВР Битола упати апел до сите граѓани да бидат исклучително претпазливи во комуникација со непознати лица, да не наседнуваат на измами, да ги проверуваат фактите и податоците кои им ги кажуваат на телефон, да не даваат пари на измамниците, на нивни посредници и сл., да не се даваат пари на непроверени клиенти и соработници само врз основа на телефонска комуникација и секако сите сомнителни случаи да ги пријават во полиција.
Истиот ден, во центарот на Прилеп од страна на полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Прилеп беше реализирана превентивна активност за поголема безбедност на пешаците, во чии рамки граѓаните кои управуваа велосипеди на места кои се наменети како пешачка зона, беа запознати со законските прописи од Законот на безбедност на сообраќајот на патишта, усно предупредени и им беа поделени летоци со едукативна содржина, со укажување дека казната за таков вид прекршок изнесува 50 евра согласно чл 96 ст. 5/7 од Законот за сообраќај.