Moжеме ли уште подобро од ова? Македонија на ранг со Монголија, Панама и Молдавија по кopyпциja

Македонија е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.

Македонија, Босна и Херцеговина. Панама и Монголија го делат 111 место на ранг листата за перцепција за корумпираност на државата, покажа последниот извештај на Транспаренстност Интернешнл. Со ова, земјата бележи пад од пет позиции во однос на минатата година. Но, промена во индексот нема, односно и годинава како и лани индексот изнесува 35. Ова рангирање е историски најлошо досега откако се мери во земјава, вели Слаѓана Тасева од македонското претставништво на Транспаренси Интернешнл.

„Ова е историски најлош резултат на индексот, до сега бевме најдолу на 107 и сега сме уште подолу, ова е прв пат откако Македонија се рангира, да имаме толку лошо рангирање, индексните поени 35 се исти како и лани. Апсолутно не бележиме никаков напредок, а многу е важно да се знае дека методологијата е заснована на истражувања не постари од две години“, вели Тасева.
Индексот во изминативе пет години се движел од 37 до 35 со што и рангирањето било од 90 место до денешното 111 место. Тоа значи дека земјава не покажува никаков или слаб напредок во борбата против корупцијата.

Тасева објаснува дека истражувањата кои се земени во предвид за македонскиот резултат покажуваат сериозен пад на клучниот индекс на владеење на право и правда.

„Тоа укажува директно на тоа дека ние не се справивме соодветно со корупцијата во судството и не се спроведе таа ветувана реформа во правосудството и другиот индекс каде што бележиме пад е Фридом хаус, значи човекови права и слободи, клучните работи кои што требаше да се земат први во реформите. Таму бележиме пад и како резултат на тоа, ние бележиме пад на индексот, тука е директната врска“, вели Тасева.

Македонија е најлошо рангирана во регионот, со 35 бодови. Словенија има најдобра позиција во регионот со 60 бодови, по што следи Хрватска – 47, Црна Гора – 45, Србија -38 и Косово со 36 бодови. Најдобри земји на глобално ниво според Индексот на перцепција на корупцијата се Данска, Нов Зеланд, Финска и други западни земји со висок степен на демократија. Земјите погодени од војна, беззаконие и диктатура се најдолу на листата, а годинава меѓу нив се најдоа Сирија, Сомалија и Јужен Судан.

Според извештајот пандемијата на Ковид-19 ја одбележа изминатата година, но и целосно го разоткри најтемното лице на корупција, чија цена граѓаните, за жал, ја плаќаат со својот живот. Институциите парализирани од корупцијата му дадоа приоритет на бескрупулозниот грабеж на јавни средства, на штета на обезбедувањето соодветна здравствена заштита.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.