Meшани патроли за превентивно делување кај младите во Битола (ФОТО)

Претставници на СВР Битола, Општинскиот совет за превенција од малолетничко престапништво, ЈУ МЦСР Битола и родители на малолетници, се дел од вечерната мешана патрола, чија главна задача е превентивно да го следат ноќниот живот на младите лица во Битола, со цел да се подигне свеста за одговорно однесување во ноќните часови.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, беше дел од оваа мешана патрола, која посети локации на Широк Сокак и во Градскиот парк, омилени места за собирање и дружење на младите битолчани. Од 21 часот, па се до 1 часот по полноќ, синоќа на терен беше нагласена потребата од зголемена соработка на граѓаните и СВР Битола од една страна, како и подигнувањето на свеста кај младите за правилно однесување при излегувањата во вечерните часови, нагласувајќи ја опасноста од конзумирање на алкохол и психотропни супстанции.

Со вклучувањето на родителите во мешаните патроли, нагласена е потребата од зголемена превентивна активност кај родителите за потенцијалните опасности со кои се соочуваат младите во вечерните часови во однос на девијантни појави, како и на ноќното дивеење и уништување на јавните добра.

Претставниците на мешаната патрола разговараа и со сопствениците на угостителските објекти, од кои беше побарано да продолжат да ги почитуваат законските одредби согласно Кривичниот законик и Законот за јавен ред и мир.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.