Владата на Република Македонија на вчерашната седница му наложи на Министерството за здравство (МЗ) итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градински и јавните тоалети.
Истовремено ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, но и да се организираат едукативни часови за превенција од корона вирусот. Кон установите за згрижување на деца од предучилишна возраст упати препорака да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.
Алармот за потребата од превентивни мерки за заштита од коронавирусот доаѓаат по сознанијата за голем број заболени во северниот дел на Италија. Вчеравечер на Инфективната клиника во Скопје се пријавил италијански државјанин со сомнеж за коронавирус, но тестовите биле негативни. Негативен е тестот и кај вториот пациент, кој по шестдневен престој во Дубаи пристигнал во земјава, а кој денеска беше примен на Инфективната клиника во Скопје, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче претходно упати апел до граѓаните доколку немаат потреба да ги одложат патувањата во регионот на Северна Италија, а додава дека веќе е воведена контрола на сите патници кои доаѓаат во нашата земја.