Maшала! Еве колку пари испраќаат во Македонија нашите иселеници

Од Народната банка на Република Македонија откриваат колку македонските иселеници испратиле пари во Македонија.

Многу македонски граѓани се иселени во Австралија, но имаме и голем број гастарбајтери во Германија, Швајцарија, Италија, Малта, Хрватска и други земји. Од Народна банка велат дека приватните девизни дознаки историски претставуваат значен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит, а со тоа се значајна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот. Тие низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2022 изнесуваат околу 14 отсто од БДП.

„Секако, дознаките се значајна компонента и на расположливиот доход на населението кај нас, а со тоа и на приватната потрошувачка. Kај приватните дознаки е присутен постојан тренд на раст, кој во просек за 2021-2022 година изнесува околу 35 отсто на годишна основа, со што во текот на изминатата година дознаките достигнаа близу две милијарди евра (или околу 15 отсто од БДП). Поволните трендови продолжија и во 2023 година, иако растот е со поумерена динамика имајќи ја предвид високата споредбена основа од претходната година. Имено, согласно последните објавени податоци за билансот на плаќања, нето приливите од приватни дознаки во периодот јануари-септември 2023 година изнесуваат 1.557 милиони евра и се повисоки за околу 6,5 отсто во однос на истиот период од претходната година. Податоците од платниот биланс за последниот квартал сè уште не се достапни, но согласно расположливите индикативни податоци за оваа компонента, коишто се следат преку нето-откупот од менувачкото работење, растот кај овие приливи продолжува, со слична динамика. Народната банка не објавува статистички податоци за земјата на потекло на приватните дознаки“, додаваат од Народна банка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.