Македонија се закити со уште еден медал на Специјалната олимпијада која се одржува во Абу Даби. Со бронзен медал се закитија и македонските кошаркари, предводени од тренерите Ана Котевска, Раша Петровиќ и Дејан Дојчиновски, откако во натпреварот за третото место славеа против Буркина фасо со 24-18.
Претходно, како што е познато, златни медали освоија Марио Мицковски и Стефан Трпковски во пливачките трки на 50 метри во слободен стил.
Во атлетика, пак, бронзен медал освои Адријан Шабан во трката на 50 метри.
Летните олимписки игри на Специјална олимпијада Абу Даби 2019 се најголемиот спортски настан со хуманитарен карактер на планетата. Учествуваат повеќе од 7000 атлети од 190 земји од светот кои ќе се натпреваруваат во 24 спортови. Игрите се одржуваат со поддршка од 20.000 волонтери. Ова се први олимписки игри во регионот на Блискиот Исток.