Во последниот меч од еснсиот дел на првенството на Втората лига-Исток, Победа и Тиквеш одиграа без голови 0-0.
Попладнево на стадионот на Могилата двата тима одиграа борбен натпревар, во кој видовме два црвени картони за капитените на двете екипи, Гешоски кај Победа и Мојсов кај Тиквеш.
Кавадарчани како и ланската така и оваа сезона не успеаа во борбата за 1-то место да победат во Прилеп, а според прикажаното денес и не заслужија.
Скапиот за второлигашки македонски прилики состав на Тиквеш, одигра далеку под можностите и очекувањата. Од друга страна пак избраниците на Крстески дадоа максимум од своите можности, и не дозволија на фаворизираниот противник да ги однесе бодовите од Прилеп.
Од Котевски, кој ја чуваше Победа на голот и слободно можеме да кажеме дека е јунак на натпреварот, до нововлезените во финишот, сите до еден одиграа на бараното ниво, и никој нема што да има забележи.
Со максимално залагање, борбена и пожртвувана игра, како и со играч помалку цели 48 минути, прилепските фудбалери одиграа еден од подобрите мечеви оваа полусезона.
Тиквеш имаше статива преку Трајкоски и неколку шанси, но Котевски со правовремени интервенции го сочува својот гол, додека Победа единствената зрела прилика ја имаше преку Јошески, кој со глава биеше непрецизно крај гостинскиот гол.
Победа: Котевски, С.Спиркоски (од 84 мин Дамевски), Петкоски, Стомнароски, Бошески, Дунимаглоски (од 65 мин Кисески-Илиоски), Каралиоски (од 46 мин Димоски), Ангелески, Дебрешлиоски, Јошески(од 81 мин Ф.Спиркоски) и Гешоски.
Резултати 16 коло: Победа-Тиквеш 0-0, Каменица Саса-Кожуф 3-1, Росоман-Осогово 1-7, Слога-Брегалница 1-3 и Кит Го-Плачковица 5-1.
Табела:Брегалница 42, Тиквеш 35, Кожуф 25, Кит-Го 22, Каменица Саса и Слога по 20, Осогово 19, Победа 14, Плачковица 11 и Росоман 8 бодови.
Во идното 17-то коло на 27 февруари 2021 година ќе играат: Брегалница-Победа, Слога-Кит-Го, Тиквеш-Росоман, Осогово-Каменица Саса и Кожуф-Плачковица.