Навивачката група „Мајмуни 97 Прилеп“ испрати јавен повик до навивачите да се вклучат во борбата за спас на фудбалскиот миленик ФК Победа и за спортот во градот. Покрај тоа навивачите ја повикаа целата управа да си даде неотповиклива оставка.
“НК Мајмуни 97 Прилеп упатува јавен повик до сите љубители на спортот, посебно фудбалот од Прилеп, без разлика на нивниот статус, пол, занимање итн. да се вклучи во борбата за спас на ФК Победа и спортот воопшто во Прилеп.
Секој оној кој сака и смета дека може да придонесе лично, преку учество со идеи или на било кој начин за опстанокот на спортот во Прилеп, го повикуваме да се приклучи во активностите кои следат со цел спас на ФК Победа и спортот воопшто во Прилеп”, пишуваат од навивачката група.
“Мајмуни” упатија и поддршка кон фудбалерите:
“За сите идни постапки јавноста ќе биде благовремено информирана и истите ќе бидат со единствена цел, т.е. враќање на епитетот нај фудбалски (спортски) град.
За почеток, акцентот ќе биде ставен на изнаоѓање излезно долгорочно и функционално решение кое воедно ќе значи спас за ФК Победа.
НК Мајмуни ја изразуваат безрезервната поддршка на фудбалерите на ФК Победа, кои подолг период играат без заслужените плати. Секоја нивна наредна постапка ние ќе ја поддржиме”, велат во соопштението.
До управата на ФК Победа, упатија УЛТИМАТУМ:
“До почетокот на неколку дневната пауза 10.11 до обезбеди и исплати по една плата на СИТЕ ФУДБАЛЕРИ и СТРУЧНИ ЛИЦА, а членовите на УПРАВАТА да се откажат од нивните побарувања.
До завршувањето на паузата 22.11. да бидат исплатени сите заостанати долгови кон играчите и сите други заостанати долгови кон сите доверители, односно, да ја доведат финансиската состојба на нула, без ниту денар долг и наредниот ден да си даде неотповиклива оставка, комплетно целата управа.
Ги повикуваме спонзорите и акционерите кои не даваат никаква финансиска поддршка за клубот, под итно да се откажат од сите побарувања и обврски на клубот кон нив. Да ги намират сите заостанати обврски кон клубот и доверителите и да се откажат од сопственичкиот удел во клубот, а акциите да ги отстапат во целост, поради изнаоѓање на сериозен инвеститор кој го сака искрено фудбалот и е спремен да направи силен фудбалски клуб и колектив, кој ќе придонесе за взаемна корист и задоволство на сите инволвирани и љубители на фудбалот и спортот воопшто во Прилеп.
Да го вратиме спортот онаму каде му е местото. Прилеп град на спортот.” – напишаа од навивачката група.