Maрјан Ристески се враќа во општина Прилеп – еве што ќе се случува денеска

Денеска, 10 март, во Големата сала на Општина Прилеп ќе се одржи информативна сесија посветена на примената на Законот за работно ангажирање на лица, наменета за работодавачи, земјоделци, невработени лица, студенти, пензионери и сите граѓани кои сакаат повремено или сезонски да бидат работно ангажирани.

Настанот се реализира во рамки на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во Република Северна Македонија“, кој го спроведува Центарот за истражување и креирање политики во партнерство со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување, со финансиска поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Информативната сесија е дел од кампањата „ФЕР АНГАЖМАН“, чија цел е запознавање на јавноста со практичната примена на Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година.

На настанот ќе бидат презентирани можностите што ги нуди новото законско решение, како и придобивките за работодавачите и за лицата кои сакаат да бидат ангажирани сезонски или повремено. Присутните ќе имаат можност да се запознаат со постапката за електронска пријава и одјава, како и со правата и обврските што произлегуваат од овој закон.

Законот е особено значаен за општините со развиена земјоделска и угостителска дејност, каде сезонската работна сила има важна улога во локалната економија.

На настанот најавено е присуство на градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, претставници од Германското друштво за меѓународна соработка, директорката на Центарот за истражување и креирање политики, како и претставници од Министерството за економија и труд.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.