На македонските тутунари им пукна трпението. Изманипулирани и излажани, навредени и понижени и во секојдневна битка со осиромашеноста, на власта и’ поставија ултиматум. Или до в петок да им се исплатат субвенциите и помошта од Петтиот Ковид-пакет, или од понеделник, сите земјоделци излегуваат на масовни протести – објави “АЛФА ТВ”
„Веднаш исплата на субвенциите и на петтиот Ковид-пакет.Тутунарите, и општо сето земјоделие се на колена. Без пари, без исплатени субвенции, сезона која што е неизвесна од немање средства да се продолжи. Земјодлеските аптеки веќе не ни веруваат на фразата дека ќе ви исплатиме од субвенциите, бидејќи субвенциите се уште се неизвесни…Од писмото што го добивме од Министерството беше потврдено дека субвенциите ќе се исплатат во првата половина од мај, но еве, сведоци сме дека тоа не се случи“, – ни изјави за Алфа Игор Мирчески, координатор на 4-те новофомирани тутунски здружренија.
„Не може нашите политичари да си играат држава, додека ние трпиме за корка леб. Нашите апели и укажувања дека ниската откупна цена во минатата реколта драстично ќе се осети кај тутунарите, беа занемарени. Субвенциите, кои секаде во светот се развојна компонента, кај нас за жал, се чекаат за преживување, велат тутунарите и додаваат дека во Македонија немало земјоделска гранка која е успешна. Згора на тоа, особено се бесни и на идејата за распродавање на македонското земјиште.
„Земјоделците не се задоволни од ова решение. Воопшто не треба да се распродава нешто што треба да биде во сопственост на земјоделците, во сопственост на државата, не само за сегашните земјодлеци, туку и за идните генерации“, – посочува Мирчески.
Доколку власта се оглуши и овој пат, Мирчески вели дека веќе од идната недела, не само тутунарите, туку и сите земјоделци, ќе ги остават нивите и повторно ќе се вратат на улица на масовни протести, се до исполнувањето на нивните барања.
Каролина Дурло