Oд 22 до 25 јануари 2026 година, во Атина, Република Грција, се одржа Европскиот куп „Athens Challenge Tournament“, еден од најголемите и најмасовни кик-бокс турнири во Европа, на кој учество зедоа над 2.500 натпреварувачи од голем број европски земји.
Кик-бокс клубот „Ронин“ од Прилеп беше претставен од Андреј Смилевски, кој настапи во дисциплината LOW KICK, во категоријата до 63,5 килограми, каде што конкуренцијата броеше вкупно седум борци. Со одлични борби и сигурен настап, Смилевски го освои второто место, освојувајќи сребрен медал за Прилеп и Македонија.
Во првото коло од ждрепката, противникот од Израел не се појави во рингот, и покрај тоа што беше присутен во салата. Во полуфиналната борба, Смилевски покажа доминација и славеше победа со технички нокаут (ТКО) во првата рунда, по одлука на тренерот на противникот.
Финалната борба донесе македонска пресметка во срцето на Атина, каде што по неизвесен и борбен меч, Смилевски беше поразен со 3:0, со што се закити со сребрениот медал.
Од КБК „Ронин“ изразуваат големо задоволство од постигнатиот резултат и посветеноста на нивниот натпреварувач.
„Продолжуваме со посветена работа, со цел да градиме здрави млади луѓе и здрава нација, како и достојно да ги претставуваме Прилеп и Македонија на меѓународната спортска сцена“, порачуваат од клубот.




























