Maкедонија се соочува со нова епидемија

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска изјави дека постојат различни начини и во различни етапи за да се изрази незадоволството на лицата кои САД ги поместуваат на „црната листа“. Таа денеска за време на посета на Криволак одговараше за новинарски прашања во врска со најавите на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев дека ќе ја обжали одлуката на Стејт департментот, кој го стави на „црната листа“ поради значителна корупција.

Таа повтори дека листата ќе се проширува со нови лица, но не кажа кога и со кого, нагласувајќи дека не може да предвиди што ќе одлучи Вашингтон.

-Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции. Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават, рече Агелер, додавајќи дека во земјава има епидемија на корупција, која треба да биде спречена.

Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.

– Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.

Оваа ознака, посочуваат од Стејт департментот, ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.

Агелер се огласи истиот ден преку платформата X, нагласувајќи дека именувањето на Кочо Анѓушев е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.

– Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени, објави Агелер тогаш на платформата Х.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.