Maкедонец ќе му биде соиграч на Боатенг и Балотели: Галијани достави најдобра понуда

Суперталентираниот фудбалер на Работнички, Лука Станковски, од јуни кариерата ќе ја продолжи во Италија. Негов следен клуб ќе биде Монца. Раководствата на двата клуба ги договорија сите детали за трансферот што треба да се случи во летниот преоден рок – oбјавија од ФК Работнички на нивната веб страна.

„Горди сме што може да објавиме дека еден од најталентираните македонски фудбалери Лука Станковски од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот клуб Монца. Двата клуба ги договорија деталите за трансферот што треба да се реализира во летниот преоден рок. Можам да кажам дека имаше многу понуди за Лука Станковски, но донесовме заедничка одлука со фудбалерот и со неговите родители, Монца да биде идниот клуб, каде ќе продолжи да се развива и да се надградува. Среќни сме што Работнички успешно ја продолжува стратегијата за реализација на трансфери на млади и талентирани фудбалери во странство и горди што во еден исклучително тежок период на глобална пандемија на коронавирусот, Работнички оствари два трансфери, Давид Тошевски во Ростов и Лука Станковски во Монца“, изјави претседателот Драган Поповски.

Лука Станковски до крајот на сезоната ќе го носи дресот на Работнички, а потоа ќе биде промовиран во редовите на Монца. Тој во првиот дел од сезоната постигна седум гола и беше четврти стрелец во првенството на Македонија.

Неговиот пат треба да го следат и други млади фудбалери на клубот, Димитар Тодоровски, Методи Максимов, Ристе Јанков, Марио Станковски, Марјан Ристовски…




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.