Maкедонското е најубаво! Македонците во Албанија го празнуваа големиот празник Св. Марена – вистинска убавина (ФОТО ГАЛЕРИЈА/ВИДЕО)

Денеска во манастирот Св. Марена, во близина на селото Туминец во Мала Преспа, Албанија, традиционално се одбележа големиот христијански празник Св. Марена, или кај народот познат како Света Огнена Марина (Марија).

Светата великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.

Според народното верување, Света Марина пали и казнува со оган и како и Свети Илија кој казнува со гром, спаѓа во огнени светци.

Иако овој празник на црквата во календарот не е означен со “црвена буква”, но сепак е многу почитуван во црквата и меѓу народот.

Манастирот кај Туминец датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.

Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

Денеска имаше вистински вриеж од народ, а присутни беа и повеќе прилепчани, како и голем број иселеници од овој регион кои празнува и се помолија за здравје и благодет на светицата.

Вистинска убавина за очи и душа. Македонска песна, ора и знамиња… Нам ни ги украде срцата, а веруваме дека ниту вие нема да останете рамнодушни.

Ви пренесуваме мал дел од празничната атмосфера во преубавиот манастир Св. Марена.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.