Основното општинско музичко училиште Ордан Михајлоски – Оцка од Прилеп е вистински расадник на таленти. Од ова училиште до сега излегле врвни мајсори на разни музички инструменти и израснале вистински солисти кои денес чекорат кон врвот и градат кариера. Од неодамна училиштето има нов директор, млад пијанист кој пред себе има поставено вистинска визија за развој и уште поголем напредок. Разговаравме со него и ни ги претстави досегашните и идните планови, негови и на неговиот колегиум.
Игор Николоски има завршено Музичка академија отсек пијано и веќе 8 години работи во училиштето. Во својот бекраунд, Игор поседува повеќе од 20 награди и одликувања, што говори дека одлично го владее пијаното и дека постојано напредувал.
Задоволен е од своите колеги и соработката со нив. Нивното залагање допринесува да учениците постојано одат на натпревари и редовно да се закитуваат со награди. Во училиштето настава посетуваат 390 ученици и постои интерес за сите инструменти. Тука се часовите по гитара, хармоника, пијано, флејта, виолина, саксофон, соло пејачите и.т.н.
Директорот ни открива дека за 24 декември е закажан Новогодишниот концерт кој ќе се одржи во театарот Војдан Чернодрински чија содржина ќе биде како од забавен така и од класичен карактер.
Во неговите планови е возобновување на оркестарот во училиштето и се надева дека тоа ќе го постигнат во второто полугодие од учебната година.
Училиштето моментално е во одлична финансиска состојба и наскоро ќе биде набавен и нов концертен клавир.
Исто така се планира обновување на внатрешните скали во училиштето со помош на Локалната самоуправа, а до сега училиштето доби нова фасада, нова дограма, столарија, како и парно греење.
На новиот директор му посакуваме огромен успех во работата и сигурни сме дека ќе го продолжи ритамот на развој на училиштето.