Mлад уметник од Прилеп ќе учествува на Остен биеналето на цртеж

Нашиот уметник Давид Атанасоски ќе учествува на Остен биеналето на цртеж 2020. Селекцијата ќе се врши на 15 јуни, а Атанасоски се претставува со делото ,,Геометриски орнамент,,. Според уметникот, делото е изработено од материјали кои се генерирани од локалниот био-отпад (хартијат и картон).

– Со рустикална обработка на соодветен начин се нагласува линијата и формата на картонот (хартија) како основен елемент на изразување. Ритмичното повторување на овој мотив прави силна нагласена динамика, која во голема мера зависи од распоредот на мотивите, формите, движењето и рамнотежата на композицијата, а ритмичното повторување на мотивите најкомплексно ја објаснува суштината на овој мотив – вели Атанасоски.

Делото создадено од локалниот био – отпад претендира на поттикнување на свесност која треба да се развива и е плод на големиот број нарушувања предизвикани од човекот врз планетата Земја.

– Брзиот начин на живот и развојот на технологијата предизвикаа човекот понесовесно да се однесува кон својата околина и да заборави на одредени важни фактори кои придонесуваат за поздрав живот и поздрава животна средина. Поради тоа проектот со употребата на материјали од трошен карактер како картон (хартија) ќе придонесе и ќе се поврзе со проблемот за имплементирање на еколошките мерки и свесноста околу овие проблеми. Употребата на материјал од трошен и градежен карактер, индиректно се поврзува со идејата за интеграција и имплементација на еколошките, економските и општествените тенденции и мерки на управување и одговорно раководење со ресурсите во глобалниот биолошки екосистем – вели Давид Атанасоски.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.