Дарко Трајкоски од Прилеп е 18-годишен музичар кој растура на тапани. Тапанот му е прва љубов уште од мали години, кога за прв пат го почувствувал ритамот и магијата на овој музички инструмент. Неговата кариера е на самиот старт, но веќе има бројни награди и настапи зад себе. Разговаравме со него и ви пренесуваме дел од неговото творештво.
1.Од кога се занимаваш со музика и како се роди љубовта кај тебе кон музиката?
Со музика се занимавам од моите мали години кога почнав да свирам на тапан. На моја 13-годишна воздраст го купив првиот сет тапани со што и почнав да се занимавам со свирење на тапани. Од тогаш до ден денес е така и го надоградувам моето знаење, последниве 2 години почнав да свирам и перкусии.
2.Зошто тапанот, што е тоа што те привлече кон овој музички инструмент?
Зошто тапаните… Ова прашање ми е тешко за одговор… Ме привлекуваат ритмичките инструменти како и бас гитара, перкусии… Исто така свирам тамбура, македонски народен инструмент кој го учев во нашето основно музичко училиште, во класата на Мр-Проф Мендо Ташкоски, кој исто така го надогради моето знаење и љубов кон музиката.
3.Што работи Дарко, каде настапува и какви проекти има во главата?
Моментално се посветувам на тапаните со снимање на кавер преработки на домашна и странска музика од разчичен жанр.
4.Која е твојата цел, имаш ли посебна замисла која сакаш да ја оствариш како музичар?
Моите цели и замисли се прилично солидни кои полека си ги реализирам. Конкретно не би сакал да зборувам околу тоа.
5.Сметаш ли дека може да се живее од музика на овие наши простори?
На нашите простори може да се живее од музиката, тоа ни го потврдуваат нашите домашни бендови кои добро работат и функционираат на нашето поднебје. Често имаат настапи и надвор од границите на Македонија, но сепак секој со своите успеси и трудови.
6.Имаш ли освоени награди и одликувања?
Да имам освоено неколку први награди на меѓународни натпревари преку основното музичко училиште. Исто така имам и настапувано надвор од границите на Македонија, каде сум бил презентер на нашата македонска музика и фолклор.
7.За крај, тешко ли е да се свират тапани, што треба да се поседува за да се свири на овој инструмент. Дали е пресудно да се биде физички подготвен и колку музички треба да биде подготвен човек за да го владее овој инструмент?
Како што е во народната поговорка “секоја планина своја тежина” така и со свирењето на тапани. Пред се треба да се има воља, желба за работа и напорно вежбање на иструментот. Талентот е 1%, а 99% е работа и желба.
Тапаните сепак се физички иструмент, но во глобала не е потребно некоја физичка подготвеност за овој инструмет. Музичката подготвеност ја олеснува работата во иднина, што значи пожелно е музичка подготвеност…Потребно е чувство за ритам и динамика…