Mилевски контра Заев: Коалициониот партнер не е за избори на 21 јуни

– Ја поддржуваме иницијативата на ДУИ изборите да се одржат на 5 јули, изјави денеска министерот за локална самоуправа и претседател на Либерално-демократската партија, Горан Милевски.

– Ја поддржуваме иницијативата на ДУИ парламентарните избори да се одржат на 5 јули. Мисиме дека е крајно време да се закаже датумот за изборите, бидејќи, како што може да се забележи, кризата го намалува влијанието, но во догледно време нема целосно да се укине: не може да чекаме да нема ниту еден заболен, зашто не знаеме кога ќе биде. Ние мора да ги одржиме изборите, зашто проектите се закочени. Конкретно, ние во локалната самоуправа ја започнавме децентрализацијата која запре со распишувањето избори и изборот на техничката влада, која пак, не може да носи политички одлуки. Мора да го деблокираме процесот за да продолжат реформите во државата, изјави Милевски при денешната посета на Прилеп.

Тој воедно истакна дека во Министерството за локална самоуправа е закочен Законот за рамномерен регионален развој и децентрализацијата, многу битен за општините, а оттука и за граѓаните.

– За нас е прифатлив 5 јули ако тоа е компромисниот датум и сметам дека ова прашање поголемите политички партии треба веќе да го разрешат за да не се создава некоја вештачка политичка криза. Гледаме, и во Хрватска се закажани изборите, дури имаат собири и средби. Треба да водиме грижа, да се придржуваме на мерките од Комисијата за заразни болести, да донесеме протокол за изборите за да се заштити здравјето на граѓаните, наведе Милевски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.