Прегласувањето на избирачкото место 2107 во општина Желино може да доведе до пад на Владата.
Откако Изборната комисија со 6 гласа „За“ одлучи дека на ова избирачко место ќе има прегласување, генералниот секретар на Движењето Беса за ТВ21 изјави дека треба да ја напуштат Владата.
„Ќе се зборува со одборот на партијата. Ако ме прашувате за мојот личен став, јас сум за напуштање на мнозинството“, изјави Хоџа за ТВ21.
Хоџа потврди и дека ДИК одлучила за прегласување на ова избирачко место, а претходно на својот Фејсбук напиша: „Желино кое роди партија (како Движењето БЕСА), може да стане Желино кое руши Влада! “
Во општина Желино победник на изборите е Блерим Сејдиу од Движењето Беса, кој освои 69 гласа повеќе од неговиот противкандидат од ДУИ, Фатмир Изаири.
Политичката партија ДУИ поднесе и два приговори за Општина Желино, со објаснување дека отпечатоците од прст не се совпаѓаат со бројот на гласачите и оти граѓанин гласал со неважечка лична карта.
Согласно член 148, став 3 ДИК едногласно одлучи да биде отворена избирачката кутија со цел да се утврди дали граѓанинот гласал со неважечка лична карта на избирачкото место 2107, а потоа и да се утврдат неправилностите во гласањето со отпечаток од прст. За да утврди дали имало неправилности Комисијата побара да ОИК од Желино да и достави посебни обрасци на избирачките списоци со решенија за запишување на посебно избирачко право.