Кучиња нападнале тринаесетгодишно дете во Битола додека си играло пред зграда. Детето било пренесено во болница и е во добра состојба.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски порача долгогодишното непостапување на институциите довело до овва вест.
„Долгогодишното непостапување од страна на институциите, придонесе вознемирувачка вест денес да не потресе сите битолчани. Веднаш штом ја добив информацијата за каснатото дете од глутница кучиња кај Стара болница, ги контактирав службите во Клиничка болница во Битола. Ги контактирав и родителите на детето, кои ме информираа дека, за среќа, 13 годишното дете е во стабилна состојба.
Побарав итно постапување кај Стара болница од страна на фирмата со која општината има склучено договор за заловување и третман на бездомни животни и кои во изминатите 6 месеци имаат третирано 60 кучиња скитници во централното градско подрачје.
Не смееме да дозволиме вакви ситуации да ни се повторуваат, независно дали станува збор за дете или возрасен граѓанин, како што беше вчерашниот случај. Мораме сите, локалната самоуправа, здруженијата за заштита на животните, полицијата, да делуваме заедно.
Повикувам на заедништво и преземање на сите законски мерки од страна на сите чинители.
Како локална самоуправа за десет дена, завршуваме со градежните активности на првата фаза од прифатилиштето за бездомни животни, а наскоро треба да ја добиеме и дозволата од Агенцијата за храна и ветеринарство, за да може општината да започне со директна работа на терен и целосно решавање на овој проблем.
Општина Битола од 2016 година, со забраната за делување на шинтерската служба, не презела никакви мерки во решавање на овој проблем.
Верувам дека со сите преземени активности, конечно ќе ставиме крај на овој сериозен проблем.
Повикувам и на поголема контрола од страна на полицијата и да не се дозволи испуштање на кучиња скитници во градот, особено од лица кои ги носат од соседните места или други општини.
Само сите заедно, можеме да постигнеме брзо и целосно решавање на проблемот“, информира градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски