Kлубско финале за ППК Младост 96 на “Мастерс Телеком” турнирот во Крива Паланка

Во Крива Паланка викендов се одржа вториот “Мастерс Телеком” турнир за сениори, каде финалето беше резервирано за играчите на ППК Младост96. Новото засилување на екипата на Младост96, Кристијан Станојковски, убедливо го освои турнирот, каде во финалето со 4-0 во сетови го победи својот клубски колега Петар Костовски.

Останатите двајца играчи на Младост96, Александар Рикалоски и Андреј Лашкоски, оправдано поради обврски не учествуваа на мастерс турнирот, кој е и бодовен турнир за влез во сениорската репрезентација на Македонија. На турнирот учествуваа околу 60 натпреварувачи.

Овој успех, како и со доаѓањето на српскиот репрезентативец Стефан Костадиновиќ во екипата на Младост96, покажува дека екипата е зрела за шампионска титула.

Третите места ги освоија Богатинов од Шампиони ФА и Живко Апостолоски од Вардар. Станојковски беше подобар од Богатинов со 4-0 додека, а Костовски по голема борба го победи Апостоловски со 4-1, па на тој начин финалето беше резервирано за играчите на Младост96.

Првенството започнува наредниот викенд во Скопје, каде ППК Младост96 е слободен во првото коло. Екипата тој период ќе го искористи за што подобар старт на пролетниот дел на сезоната со заеднички подготовки на играчите. Најпрво од 25 февруари до 1 март во Прилеп, во пингпонгарската сала во “Партизан”, ќе започни првиот дел од подготовките, на кое играчите ќе работат со тренерот Гоце Тошески, а од 2-7 март екипата заминува на подготовки во Ниш, соседна Србија, каде со екипата на Железничар, во која има доста квалитетни играчи, заеднички ќе ги обавуваат зацртаните задачи од овие припреми.

На 8 март Младост96 стартува во лигата со два натпревари и тоа против Радовиш и против Телеком Нец.

На 29 Февруари во Крива Паланка ќе се одржи Државно првенство до 12 години, каде од неколкуте играчи на Младост96 кои ќе играат на Државното првенство, клубот очекува освојување на медали.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.