Од кабинeтот на претседателот Ѓорѓе Иванов најостро ги отфрлаат тврдењата во изјавата на Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ, за кои сметаат дека се големи лаги и манипулација, со цел дефокусирање на јавноста.
Во продолжение ја пренесуваме реакцијата од кабинетот на Иванов:
Јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со неприфаќањето на штетниот грчки договор.
Реакцијата на македонскиот народ на вчерашниот ден точно покажа какво е неговото размислување кон погубната политика што ја води оваа власт за Република Македонија. Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ.
Претседателот Иванов никогаш не поттикнал меѓуверска и меѓунационална омраза. Напротив, заедништвото и сплотеноста коишто со децении се градени, сега се доведуваат во опасност, токму поради штетните политики и одлуки на оваа власт.
За тоа дали претседателот Иванов е достоен за функцијата што ја извршува, не се прашуваат политичките партии, туку граѓаните кои го избрале и кои го покажаа својот став на чествувањето на Илинден.
Претседателот Иванов, како и секогаш, така и во иднина ќе се води исклучиво од државниот интерес и интересот на граѓаните на Република Македонија.