Kyпете пpeкpacна Божиќна пештера изработена од вредните раце на cecтринството од манастирот во Рајчица

По повод Христово раѓање-Божик, во многу македонски домови повеќе години со ред внесена е божиќната атмосфера, преку божиќни пештери изработени од вредните и трудољубиви сестри од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица.

И покрај сите дневни задолженија кои ги имаат, со наближувањето на времето во кое повторно треба да се потсетиме на мигот кога Бог ни ја покажа Својата најголема љубов – раѓајќи се од Дева, за да му донесе мир на светот и да го спаси целото човештво, тие се ангажирани и во изготвување на овие преубави пештери.

Тоа, како што вели сестра Ефимија, е со цел сите да ја пренесуваме радосната вест за Раѓањето Христово, и од срце да се потрудиме празникот Божик да се прослави најдостоинствено во христијанските домови. Тогаш, додава таа, нашите домови треба да наликуваат на Витлеемската пештера и со својот празничен амбиент да ја сведочат чудесната Божикна приказна за Божественото Дете, кое дојде кај нас и ни ги донесе мирот, радоста, љубовта.

-Веќе сме во периодот на божиќниот пост, кој на крајот од своето шестнеделно патување е украсен со празникот Рождество Христово. И ете некако, во овој период на големи духовни испитанија, во сета оваа борба за зачувување на човечкото здравје и живот, ни се дава прекрасна можност да се вратиме во времето на Христовото раѓање и да размислиме за целта на Неговото слегување на земјата. Он се роди во скромната Витлеемска пештера, дојде токму во оној период кога човештвото најмногу страдаше заради своето отпаѓање од Бога. Зошто? За да ни благовести мир, радост, љубов. Тоа ни е потребно и сега, во овие современи страдања. Потребно ни е да си го вратиме најважното – верата во Него, надежта дека со Негова помош ќе се покажеме како победници во оваа битка, вели сестра Ефимија.

Изработката на божикните пештери во манастирот почна пред десеттина години, со благослов на владиката Партениј.

-Токму Витлеемските пештери, кои и оваа година со благослов на нашиот старец, владиката Партениј, ги изработуваме во нашиот манастир, ни се своевиден потсетник на тој духовен амбиент во кој треба да се најдеме. Убаво е да се знае дека тие веќе ги украсуваат домовите на се поголем број заинтересирани луѓе и внесуваат радост во сечие срце, додава сестрата.

– Изработката на божикните пештери во нашиот манастир почна пред десеттина години, како обид за возобновување на старите автентични божиќни традиции. Порано постоела една традиција во која верниците, возрасните, особено дечињата, на ден Бадник излегувале надвор, и насекаде, од куќа во куќа, по улиците, во градовите и селата, ја пренесувале веста за раѓањето Христово. Тоа го изразувале на најразлични начини, со најразлични симболи, но најповеќе со импровизирана пештера во која ставале икона на Рождеството Христово. Сето тоа всушност ја симболизирало Витлеемската пештера во која се родил нашиот Христос, додава сестра Ефимија.

-Благодарејќи му на Бога, од страна на нашиот старец, владиката Партениј, истата пред неколку години беше возобновена. Прекрасно е да се види како дечиња во сите градови во нашата земја со пештера во раце пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ го најавуваат Христовото раѓање, вели сестрата и со блага насмевка додава дека од пред две години оваа традиција е обновена и во Дебар.

Лани, по број повеќе од претходната година, педесеттина деца од Дебар и од неколку села од подрачјето на Долна Река, придружувани од нивните родители и други верници учествуваа во „Бадниковата поворка“.

Тргнуваат од кај кружнот тек, во близина на Општината, носејќи во раце златни ѕвездички и пештера – симбол на витлеемската пештера, во која е роден Исус Христос и пеејќи ја песната „Вечниот бог“, поминуваат по главната улица „Осми септември“, новото шеталиште па се до црквата „Света Петка“, во долниот дел на градот.

Таму ги пречекува намесникот на дебарската парохија, Миле Ангеловски кој учесниците во поворката ги дарува со пакетчиња, обезбедени од повеќе донатори.

-За сите верници бадниковата поворка што се организира по повод Христовото раѓање е најубавиот настан во годината. Во Дебар оваа стара традиција беше обновена пред две години. Минатата за разлика од претходната година имаше повеќе дечиња, како и верници, вели Надица Стефановска која со двете нејзини дечиња е дел од поворките во измнатите две години.

Пештерите се направени од различни прикладни материјали, уникатно украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандило. Претставуваат прекрасно надополнување на божиќното дрвце, во духот на православната традиција.

-Ги известуваме сите дека доколку сакаат да си набават рачно изработена божиќна пештера, можат да пратат СМС или да се јават на следниoв тел., броj: 075 245 791. Цената на една пештера изнесува 2.000 денари, го објаснува сестра Ефимија начинот на кој може да се набави божиќна пештера.

Со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благостојба, сестрите изработиле стотици пештери, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции.

Една од големите украсни пештери од пред неколку години се поставува и на плоштадот во Охрид, каде останува до Водици, на која и се восхитуваат охриѓани и туристите.

Една од илјаднците кои дошле да ја видат пештерата и се фотографирале е Јасмина Стојановска, која тука, лани ја сретнавме со двете дечиња, Стефани и Стефан.

-Редовно доаѓаме тука уште откако ја поставија пештерата. Најпрво со сопругот Марјан а сега цело семејство. Децата многу се радуваат. Пештерите се преубави како и манастирот во Рајчица, кого често го посетуваме, вели Јасмина.

Таа не го крие задоволството од срдечниот однос на сестрите, кои, додава, секогаш се обраќаат со милозлив глас и љубезна насмевка, независно колку верници има во моментот во овој еден од најубавите манастири не само кај нас, туку и пошироко. Нивниот однос, посочува, само го надополнува чудесниот мир и спокој кој се чувствува со првата стапка што ќе ја направите во дворот на манастирот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.