Koњановски во посета на МЗТ Инженеринг – Се подготвува документација за реконструкција на улица “Индустриска”

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес ја посети фирмата МЗТ Инженеринг, каде имаше средба со директорот Иван Ангелин и раководителката на одделот „Ролформинг“, Билјана Ангелин.

Од страна на раководството на фирмата, која е основана во 1984 година, градоначалникот беше детално информиран за процесот на работа, кој од 1998 година опфаќа сопствено производство, пред сé на метални отпресоци и метални елементи и склопови, по пат на длабоко извлекување и метал штанцање, а врши и покривање и санација на кровови. Фирмата, произведува и електрична енергија од мали хидроцентрали, а наскоро производството ќе биде проширено и со фотонапонски панели.

Од страна на раководството на МЗТ Инженеринг, беа посочени проблемите со кои се соочуваат повеќето фирми лоцирани на просторот на старата Индустриска зона, а кои се директно поврзани со потребата за подобра инфраструктура и пристапност до деловните објекти.

Градоначалникот Коњановски, потврди дека проблемот е видлив и токму поради тоа, општина Битола, преку програмата за економски развој е во фаза на изготвување на проектна документација за реконструкција на улицата „Индустриска“, со што значително ќе се подобри патната инфраструктура во овој дел на Битола.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.