На 09. октомври во големата сала на Центарот за култура “Марко Цепенков” во Прилеп, концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни “ТАНЕЦ”.
Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ пулсира во ритам со македонскиот фолклор. Тој е амблем на нашата традиција, чувар на културната меморија, жив симбол на народната душа, наш амбасадор кој со танц, песна и носија ја раскажува македонската приказна пред очите на светот. Во своите чекори, „Танец“ го носи ехото на вековите.
Неговите уникатни носии не се само облека – тие се живи документи, везени со историја, емоција и идентитет. Секој конец е сведоштво, секој дезен – порака. Наследство кое, како што се везе шема на платно, така се везе и во колективната свест на секој Македонец.
„Танец“ е основан во мај, 1949 година, со указ од тогашната влада. Ансамблот беше создаден од потребата – длабока, исконска потреба – да се зачува она што сме. Со децении „Танец“ расте, се развива, гради репертоар што станува златна антологија на македонското народно творештво: од длабокото и моќно „Тешкото“, до разиграното „Чифте Чамче“, од комитското јунаштво до нежноста на „Невестинското“.
„Танец“ не е само национална гордост – тој е мост меѓу генерации, меѓу татковината и македонската емиграција ширум светот. Преку својата културна мисија, ансамблот го чува пламенот на традицијата дури и таму каде што таа е далечен спомен.
И затоа, во оваа свечена година, со полни срца велиме: „Танец“ – 76 години македонски код.
Почитувана публико, ве покануваме и вие да бидете дел од оваа свеченост, за заедно да патуваме низ звуците, боите и движењата на едно наследство кое не згаснува – туку вечно свети.
Влезници: Секој работен ден од 10 до 13 часот и во сабота од 11 до 14 часот на билетарницата од НУЦК „Марко Цепенков“
Цена: 200 денари
(извор на фотографија: НУ Ансамбл за народни игри и песни „Танец“)