На втори септември 2025 г./вторник/ од 20.00 часот на летната сцена од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи „Вечер на творештвото на Драган Ѓаконовски Шпато“. Влез слободен!
„Вечерта на творештвото на Драган Ѓаконовски Шпато“ е проект со кој ќе направиме еден мал осврт на делата и аранжманите на Шпато, почетоците на забавната и џез музика во Македонија. Безвременските хитови, безвременските вокали на македонските пејачи како што се Нина Спирова, Даниела Панчетовиќ, Сашка Петковска, Љупка Димитровска, Диме Поповски, Драган Мијалковски со нивните интерпретации испишаа дел од македонската музичка историја во забавната и џез музика. Сите учесници во овој проект имаат цврста академска музичка позадина и долгогодишно практично искуство на музичката сцена во нашата држава и надвор од неа.
„Вечерта посветена на делото на Шпато“ музички ќе ја обојат Катерина Попоска- вокал, Борис Миленкоски Пулич- саксофон, Давид Скерлевски-пијано, Кире Гаралоски-бас , Филип Бурнески-тапани. Овој состав активно делува на прилепската сцена под името The Jazz Funk Momentum.
Проектот посветен на „Творештвото на Драган Ѓаконовски –Шпато“ е поддржан од Министерство за туризам и култура.
Податоци за:
Драган Ѓаконовски-Шпато (Скопје, 11 март 1931 – Скопје, 3 јануари 1987) — истакнат македонски композитор, диригент и музички аранжер. Важи за зачетник на македонската забавна музика. Како автор на бројни забавни мелодии, на аранжмани за забавна музика и џез, почнувајќи од првите повоени години. Бројни генерации се сеќаваат на неговите популарни композиции, како и на првата македонска џез-композиција насловена „Тема I“, што ја создал во 1947 година. Тој бил извонредно надарен музички инструменталист кој формирал повеќе оркестри и групи и создал бројни композиции, кои ги исполниле популарни македонски пејачи.