Koнечно добра вест за љубителите на театарот: Во прилепскиот народен театар продолжија пробите за претставата “Каменот”

Во театарот „Војдан Чернодрински“ според сите протоколи за заштита од корона вирусот, продолжија пробите за претставата „Каменот“ кои беа прекинати заради пандемијата пред повеќе од шест месеци.

„Каменот“ е текст напишан од Мариус фон Мајенбург во 2008 година.

Режисерката Кристина Димитрова вели дека е задоволна што конечно продолжуваат пробите на овој проект.

– Приказната не е раскажана хронолошки линеарно, односно се преплетуваат годините 1935, 1945, 1953, 1978, и 1993 со што се доловува текот на мислите, моментот кога меморијата се испреплетува и годините сами се појавуваат по асоцијација. Приказни за модерна Германија, раскажани во жанр капиталистички реализам. Ликовите се соочуваат со спомените од фашизмот и комунизмот. Минатото колку и да сакаат да го закопаат, не можат. Испливува како грижа на совест, преку ликовите од минатото. Каменот е откопан. Сега се поставува прашањето што понатаму откако ќе се соочиме со злосторствата од минатото? На која основа идните генерации ќе го градат свој идентитет? – вели режисерката Димитрова.

Ќе играат Наташа Ачански, Катерина Чакмаковска, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Димитрова, Јасмина Мицовска Станкоска и Илија Волчевски.

Драматург е Лидија Митоска Ѓорѓиевска, сценографија ќе ја работи Валентин Светозарев, костимографијата Розе Трајчевска, а музиката е на Томе Темелкоски.

Премиерата на „Каменот“ се очекува во средината на ноември.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.