“Петмина Македонци против 2000 Грци”, гласеа насловите во медиумите кон крајот на јануари, кога петмина нашинци од Мелбурн беа нападнати од 2000 Грци, на протестот од грчката дијаспора во овој австралиски град, кој тогаш се одржа под мотото „Не за продажба на името Македонија и Македонија секогаш ќе биде грчка“.
Тогаш медиумите и ние Македонците тука во Македонија ги пофаливме нашинците за храброста да одолеат на таков масовен напад, само поради тоа што биле облечени во маици со македонски национални обележја и седеле на кафе во близина на грчкиот конзулат.
Над 100.000 Македонците од дијаспората изминатиот викенд на масовни протести излегоа низ европските и светски метрополи во заштита на државното име, заштита на националниот идентитет и македонската посебност.
Но, дали заслужуваме како Македонци овде во Македонија некој да се заложува за нас, масовно да излегува на протести се со цел светот да чуе за Македонија и да се свести дека и Македонците имаат право на самоопределување и се сплотени секаде во светот кога државата е нападната.
Сигурно дека не!
Македонците во дијаспората беа нападнати со најпогрдни зборови по социјалните мрежи од страна на своите кои иако одблиску ја гледаат и чувствуваат неправдата која и се случува на државата, немаат ниту грам свест во себе.
Навикнати да плукаме по се’ и сешто и по она што чини и по она што не чини, почнавме да плукаме и по своето, по оние кои се наши браќа, наши роднини, наши соседи, наша крв. По оние кои како и вас се мачеле да заработат тука, не успеале и се нашле на илјадници километри од својата домовина.
Мислите дека секој заминал од ќеиф?! Епа се лажете!
Сте се запрашале дали и некој друг од соседството ги нарекува своите во странство “сељачишта”, “говеда”….?!
А велите дека Албанците биле сплотени и се крепеле секаде во светот. Епа секоја им чест! Тие за разлика од вас знаат дека своето е свое секаде во светот, дека додека друг би те поттрунал, твојот би застанал зад тебе и би ти помогнал.
Сакале вие да го признаете тоа или не Македонците во светот ни се најзвучните амбасадори за земјава, за името и постоењето.
Нивниот глас изминатиот викенд и нивната масовност одекна во сите светски медиуми. За црвено-жолтата река од 60.000 луѓе на улиците во Мелбурн пишуваше и “Дејли мејл”.
Феномен или не, само во Македонија е срамно да си националист и да си го сакаш својот народ, својата држава, да си горд на својата историја, на своето културно наследство и трациција.
Можеби затоа ни се случува сето ова што ни се случува! Можеби затоа сме како проколнати, обесправени, со наведнати глави…
Се додека сме вакви какви што сме ќе трпиме и ќе викаме “Ќути, наведната глава и јатаган не ја сече”.
Aлександар Георгиоски