Koњановски: За 6 месеци реконструиравме и асфалтиравме улици во должина од 8 километри

Во продолжение ви ја пренесуваме интегрално изјавата за медиуми на Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола, во рамки на акцијата „Промените се случуваат, секогаш со народот“ заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

„Фактот што двајцата сме градоначалници кои се обврзавме на промени, проекти, создавање на нова иднина за нашите општини, постојаната соработка и размена на искуство се од големо значење за динамиката со која сакаме промените да се почувствуваат во сите општини и во ова време во кое сме соочени со енергетска, економска криза. Да создадеме поубави општини и подобри услови за животот на нашите сограѓани.

Главната тема на нашиот разговор се проектите поврзани со подобрувањето на инфраструктурата, но и хортикултурното уредување, создавање на нови зелени површини, тоа впрочем е и интенција на Општина Аеродром. Урбанистичко планирање на просторот, подигнување на хигиената, дигитализацијата и услугите и други теми поврзани со сите сфери кои се во надлежност на локалната самоуправа.

Градоначалникот Муцунски го информирав за текот на работните активности кои се реализираат во Општина Битола. Еден од најголемите проекти кој е во фаза на реализација е проектот за реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици во општина Битола. Во рамките на кои веќе работиме на 13 улици во моментов, односно во Битола се реконструираат улиците Вера Циривири Трена, Македонска Фаланга, Крушевска Република, Цане Василев, Доблеџик, Струшка, Сутјеска, Бранислав Нушиќ и така натаму, да не ги редам со ред.

Веќе е завршивме втората фаза од улицата Солунска, минатиот викенд ја асфалтиравме улицата АСНОМ, барање на граѓаните од подолго време. А, во руралните места се врши рекоснтрукција на патот за село Дихово, како и на коловозот на главниот уличен крак за селото Логоварди. Тоа сето, вклучувајќи ги и улиците кои ги асфалтиравме во првиот месец по нашето доаѓање, е во должина од некаде осум километри за период од само шест месеци.

Исто така работиме на поставување ново и дополнување на постоечкото улично осветлување во населбата Буковски ливади на улицата четврта, Буковски мост. Уредивме две нови детски игралишта на улиците Север југ и Смилевски Конгрес. Веќе започнавме со уредување на два нови паркови, тоа го промовиравме во периодот кој измина. Нов градски парк во Нова Битола и на барање на студентите, Студентскиот парк.

За решавање на проблемите со бездомните животни, тоа е исто едно од нашите ветувања, во соработка со невладиниот сектор, бизнис секторот и сите надлежни субјекти кои ја третираат оваа проблематика, изработивме проект за прифатилиште и одредена е локација во земјоделското училиште.

Обезбедуваме поддршка за талентирани ученици кои постигнуваат високи резултати, невладини организации кои работат на проекти од различни области, спортски здруженија, индивидуални спортисти. А, исто така повторно културно ја раздвижуваме Битола со културни содржини за сите возрасти, за што сме сведоци деновиве само што заврши Фестивалот на монодрамата во Битола.

Од капиталните проекти, пред отпочнување сме на постапка за јавна набавка за изработка на проект за изградба на нова противпожарна зграда, едно од нашите ветувања. А, како резултата на зајакнувањето на меѓународната соработка идниот месец, преку донација на Република Франција ќе го надополниме и возниот парк во противпожарната единица со три возила.

Го решаваме и проблемот со хаварисаните возила и работиме на зголемување на хигиената на градот, а со тоа овозможуваме и уредување на јавните површини согласно нивната намена. Со завршувањето на процесот на легализација на објектите и изработка на новиот Генерален урбанистички план, во значајна мера ќе се подобри процесот на планирање и уредување на просторот што преставува наша долгорочна инвестиција за убава Битола.

Во делот на економскиот развој, каде евидентно во изминатиот четири годишен период имаме нефункционални и оптоварени со долгови јавни претпријатија, сега веќе се менуваат работите на подобро. Јавното претпријатие Жабени почнува да функционира, а Општина Битола објави јавен оглас за отуѓување на градежно земјиште за шеснаесет парцели во индустриската зона Жабени. Ова очекувам да резултира со нови инвестиции, за што веќе имаме и најави од странски инвеститори.

Преку ова претпријатие работиме на решавање на најголемиот проблем кој го оптоварува општинскиот буџет, цената на електричната енергија, кој е заеднички проблем на сите локални самоуправи, за кој како општини сме оставени потполно сами на себе, без поддршка на централната власт.

Само за споредба, месечната сума која во моментот ја плаќа општина Битола за електрична енергија е приближно колку потребната сума за реконструкција на две улуци во Битола. Токму затоа, секое алтернативно решение на овој проблем, за нас ќе значи можност за нови инвестиции во подобрување на патната инфраструктура. Во моментов, месечната фактура на општина Битола за учичното осветлување е 150 илјади евра.

Во насока на постојано зголемување на транспарентноста, двете општини и Битола и Аеродром, воведуваме начин на поголема достапност на граѓаните за нивните потреби, барања, иницијативи и предлози. Така што, со воведувањето М-заедница , започнуваме со првиот чекор кон дигитализација на јавните услуги.

Општина Битола обезбедува поддршка за надминување на наталожените проблеми во професионалните спортски клубови и во иднина ќе продолжи да го стимулира нивниот напредок до крајната цел, битолчани да бидат горди на спортските успеси.

Спортистите треба да ја имаат нашата поддршка како локална самоуправа и како граѓани и кога постигнуваат високи резултати и кога се соочуваат со пораз, зошто само така ќе имаат мотив повеќе да бидат се подобри.

Со градоначалникот на општина Аеродром, после увидот кој ќе го направиме на неколку локации во градот каде се во тек градежни активности, продолжуваме во спортската сала Боро Чурлевски каде ќе го проследиме кошаркарскиот натпревар помеѓу кошаркарскиот клуб Пелистер и МЗТ Скопје и се надевам подобриот нека победи, се надевам дека тоа ќе биде Пелистер.“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.